Канадската полиција почна да ги отстранува демонстрантите од мостот кон САД

Блокада на мостот Амбасадор меѓу САД и Канада

Канадската полиција денеска почна со отстранување на демонстрантите кои со блокадата на мостот меѓу Канада и САД ја прекинаа трговијата меѓу двете земји.

Блокадата на мостот Амбасадор, најпрометниот граничен премин, го поремети протокот на стоки и ги принуди автомобилските индустрии во САД и Канада да го намалат производството.

Демонстрантите шести ден протестираат против антиковид мерките и против политиките на канадскиот премиер Џастин Трудо.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Отава блокирана две недели, полицијата предупредува

Властите во Онтарио вчера прогласија вонредна состојба која на властите им овозможува изрекување парични и затворски казни за луѓето кои продолжуваат со нелегалната блокада на патиштата и мостовите, откако судот им нареди да заминат.

Демонстрантите сепак одлучија да ги продолжат блокадите.

Забраната за блокирање стапи на сила вчера (11 февруари) во 19 часот по локално време (1 по полноќ по централно европско време), за да окончаат неколкудневните протести.

Камионџиите го блокираат мостот Амбасадор, витална трговска врска меѓу Виндзор во Онтарио и Детроит во Мичиген.

Протестите на камионџиите против ограничувањата поради пандемијата траат и на другите гранични премини и во главниот град Отава, кој е блокиран со камиони веќе две недели.

Претходно, канадската провинција Онтарио прогласи вонредна состојба поради протестот на камионџиите кои го парализираа главниот град и ја нарушуваат трговијата со САД, а премиерот на Онтарио Даг Форд вети дека ќе направи сè што е потребно за да се окончаат блокадите.

„Ќе ги преземеме сите потребни чекори за да осигураме повторно отворање на границите“; рече Форд на прес-конференција, заканувајќи се со казни до 100 илјади канадски долари и затвор ако демонстрантите не ја прекинат својата „илегална окупација“.

„На луѓето во Отава по опсада им велат дека ќе обезбедиме да продолжат со животот и работата што е можно порано“, рече тој.

Канадскиот премер Џастин Трудо, по разговорот со американскиот претседател Џо Бајден, вчера изјави дека окупацијата на Отава и блокадата на виталните трговски врски со САД мора да прекинат и оти ќе прекинат.

Важниот мост Амбасадор, кој ги поврзува Виндзор и Детроит секојдневно го користат над 400 илјади луѓе, заедно со камионите кои во просек дневно превезуваат стоки во вредност од 323 милиони долари, или околу една четвртина од трговијата меѓу САД и Канада.

Повеќедневните гранични блокади веќе имаа големо влијание, а неколку производители на автомобили беа принудени да го намалат производството како резултат на блокадите, што предизвика стравувања дека тоа би можело да влијае на економското опоравување на Канада од пандемијата.

Премиерот Џастин Трудо е под се поголем притисок да ја стави ситуацијата под контрола, а Вашингтон го повикува својот северен сосед да ги искористи федерални овластувања за да ги прекине блокадите.
Протестот на камионџиите против ковид-мерките, кој го нарекоа „конвој на слободата“, предизвика протести од солидарност ширум земјата, но и во странство.