МНР- Македонските државјани да не патуваат во Украина

Илустрација, архивска фотографија, одбранбени вежби во Украина за цивилното население

Македонското министерство за надворешни работи денеска упати апел до сите македонски државјани кои во претстојниот период планирале посета на Украина, да избегнуваат патувања во земјата. Во соопштението од МНР апелира и до македонските државјани кои сега се наоѓаат во Украина, доколку имаат можност, во најскоро време да ја напуштат земјата.


МНР ги повикува граѓаните кои се наоѓаат во Украина, а кои сѐ уште не ги оставиле своите податоци во Амбасадата, да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев, на следните телефони +380442877882, +380663951190, и на е-mail: dkpkiev@mfa.gov.mk како и на адресата globalsos@mfa.gov.mk

„Воедно ги потсетуваме сите нашите граѓани, и оние кои се наоѓаат овде и оние кои се наоѓаат во Украина, или било каде, да ги следат и да се информираат од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев. Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Украина и навремено да информира за евентуални насоки за постапување за нашите државјани“, се вели во соопштението.

До ваквите апели доаѓа по порастот на тензии во руско-украинската криза. Тензиите меѓу Русија и Западот се зголемуваат откако Русија натрупа околу 100.000 војници во близина на границата со Русија. НАТО и неговите сојузници ги засилуваат своите сили во Источна Европа поради страв од руска инвазија на Украина, што Москва го отфрла.

Столтенберг предупреди на „ризик“ од вооружен конфликт во Европа

Денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди на „ризик од вооружен конфликт во Европа“ за време на посетата на Романија, каде што Соединетите Американски Држави ќе распоредат 1.000 војници за да го зајакнат источното крило на алијансата, во услови на зголемени тензии меѓу Русија и Украина.

За Русија одговорот на НАТО и ЕУ е непочитување

Претходно руското Министерство за надворешни работи го отфрли заедничкиот одговор на НАТО и Европската Унија за безбедносни барања на Москва оценувајќи ги како непочитување.