Ковачевски: Законот за минимална плата важи и за јавниот и за приватниот сектор

премиерот Димитар Ковачевски

Сите работодавачи без разлика дали се од приватниот или јавниот сектор се должни да го почитуваат спроведувањето на Законот за минимална плата, а секое непочитување треба да се пријават во надлежните институции, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, овој закон важи за сите работници во државата и во однос на неговото спроведување нема разлика дали станува збор за државна институција или приватен сектор.

„Ова прашање беше поставено исто така и кога го имавме економско социјалниот дијалог. Таму беше присутна министерката за труд и социјална политика која нагласи дека треба да се пријавуваат непочитувања согласно со законските одредби и согласно со колективните договори“, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто државата не го почитува законот во однос на скалестото зголемување на платите во однос порастот на минималната.

Минималната плата, според него, е историски исчекор направен со ССМ, бидејќи, како што рече, покрај тоа што платата е зголемена на 18 илјади денари, воведена е и нова методологија која што гарантира одржливост и континуиран расат на минималната плата сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот. Тој додаде дека имал разговори со претставници на голем број компании и оти тие сите се согласни дека платите секогаш треба да бидат пратени со зголемување на продуктивноста на трудот.

Собранието вчера го прифати предлогот на Владата по скратена постапка да бидат донесени измените на Законот за минимална плата. Предлог-измените, кои се резултат на договорот постигнат на Економско-социјалниот совет за зголемување на минималната плата и за новата методологија за усогласување на минималецот, треба да биде разгледани на матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика.

Со Предлог-измените се менуваат критериумите за годишното усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Се предвидува и висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од Заводот за статистика за претходната година.