Руската уметничка лизгачка Камила Валиева падна на допинг тестот спроведен во декември, потврди Меѓународната агенција за тестирање (ИТА).
На 7 февруари, 15-годишната Валиева помогна да се освои злато во екипно уметничко лизгање за Рускиот олимписки комитет, но медалите не беа доделени поради „правни консултации“.
Руската антидопинг агенција (РУСАДА) ја укина нејзината суспензија, дозволувајќи и на Валиева да се натпреварува на Олимписките игри во Пекинг.
Меѓународниот олимписки комитет сега ја обжали одлуката, како и Меѓународната унија за лизгање, барајќи од Судот за спортска арбитража (CAS) да ја врати привремената суспензија на лизгачката.
ИТА изјави дека Валиева, првата лизгачка која изведе четвороскок на олимпиското натпреварување, дала примерок за тестирање на Божиќ за време на Руското првенство во уметничко лизгање во Санкт Петербург.
Примерокот потоа бил испратен во лабораторијата на акредитираната Светска антидопинг агенција (ВАДА) во Стокхолм, Шведска. Резултатот беше објавен дури на 8 февруари, ден откако таа го освои екипното злато, но пред церемонијата на медали.
Валиева била позитивна на триметазидин, кој се користи за ублажување на ангина пекторис, но е забранет од Светската антидопинг агенција од 2014 година бидејќи е класифициран како срцев метаболички модулатор и докажано ја подобрува физичката ефикасност.
Валиева е привремено суспендирана, но РУСАДА исто така ја оспори одлуката и се согласи да ја поништи на 9 февруари. Судот за спортска арбитража ќе го разгледа случајот на Валиева пред нејзиниот најавен настап во индивидуално лизгање, кој започнува во вторник (15-ти февруари). Валиева, која е фаворит за женски сингл, била видена како тренира на затворениот стадион „Капитал“ во Пекинг.
Портпаролот на МОК, Марк Адамс, рече дека сака решение „што е можно поскоро“, додавајќи дека медалите за екипните дисциплини нема да се доделуваат до исходот од сослушувањето Судот за спортска арбитража. Инаку Соединетите Држави го освоија второто место, Јапонија третото, а Канада четвртото.
Меѓународната агенција за тестирање изјави дека „образложена одлука, вклучително и причините зошто е укината привремената суспензија, наскоро ќе биде соопштена до сите заинтересирани страни“.