Северна Македонија од „хибриден режим“ во „демократија со недостатоци“

илустрација

Северна Македонија е во групата на „демократии со недостатоци“ на Индексот на демократијата 2021, на Истражувачката група на Економист, со што напредна пет места во однос на минатата година кога беше оценета како „хибриден режим“. Земјава годинава е рангирана на 73 позиција, со вкупна оценка од 6.03.

Според критериумите по кои се врши рангирањето, Северна Македонија во четири од вкупно пет катергории има оценки над просечната од 6.03. Најдобра е во делот на изборен процес и плуразлизам – 7.42, а најлоша е во политичка култура – 3.13. Функционирањето на владата е оценето со 6.43, политичкото учество – 6.11 и граѓански слободи – 7.06.

Индексот на демократијата на Економист се објавува од 2006 година и дава брз преглед за состојбата со демократијата во 165 независни земји и две територии. Северна Македонија највисока оценка имала во 2006 – 6.33, а најниска во 2015 година – 5.23.

Според Економист, целиот регион на Источна Европа, во кој се наоѓа и нашата земја, успеал во 2021 година да избегне назадување на просечниот индекс и ја задржува средната оценка од 5.36, посочувајќи три земји – Северна Македонија, Црна Гора и Молдавија кои што значително ги подобриле своите позиции и напредувале од „хибридни режими“ во „демократии со недостатоци“.

Индексот на демократија земјите ги дели во четири типа на режими – „целосна демократија“, „демократија со недостатоци“, „хибриден режим“ и „авторитарен режим“. Најдобра оценка има Норвешка – 9,75, а најниска Авганистан – 0,32.