ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандман со кој покрај минимална плата ќе растат платите во јавниот сектор

Амандманот денеска на прес конференција во партиското седиште го образложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе амандман во Собранието на Законот за минималната плата со кој се бара доследно почитување на колективните договори и ќе се овозможи зголемување на платите во јавниот сектор.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на прес-конференција, истакна дека не се завршува работата со едноставно зголемување на мининалната плата туку со опсежно зголемување на платите кои мора да бидат усогласени со коефициентот на сложеност на работната сила, а тоа, вели, подразбира почитување на постигнатата согласност со синдикатите и колективните договори кои се во сила.

Согласно ова барање, посочува, ако работник досега имал плата 15.200 денари а сега треба да има 18.000 денари, со нивелирање на платите, на пример наставник – приправник наместо сегашните 22.764 денари ќе зема 41.256 денари. Во средните училишта, професорите наместо сегашните 25.838 денари нето плата би требало да земаат според предлогот кој што го даваат 45.594 денари.

„Ова е во суштина предлогот на амандманот кој што денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го достави и очекуваме од страна на Владата, од страна на парламентарните партии да биде прифатен затоа што секој заслужува подобро да живее и без разлика на тоа во кој дел на администрацијата имаме вработен, државата, Владата треба да покажат одговорност и сериозност и да ги усогласат преку личен пример овие коефициенти, односно примањата на вработените во државната и јавна администрација,“ рече Мицкоски.

За ова барање, додаде тој, партијата бара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност.

Инаку, собранието денеска едногласно со 101 глас „за“ го прифати предлогот на Владата по скратена постапка да бидат донесени измените на Законот за минимална плата. Предлог-измените, кои се резултат на договорот постигнат на Економско-социјалниот совет за зголемување на минималната плата и за новата методологија за усогласување на минималецот, треба да биде разгледани на матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика.