САД велат дека договор со Иран е на повидок, но го предупредуваат Техеран

Иранско знаме пред иранската нуклеарна централа Бушер, 10 ноември 2019 година

Вашингтон повторно го предупреди Иран дека му истекува времето да го оживее нуклеарниот договор од 2015 година, порачувајќи му на Техеран дека ќе биде невозможно да се врати на историскиот договор доколку тој не се постигне во следните неколку недели.

„Нашите разговори со Иран дојдоа до критична точка“, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки за новинарите на 9 февруари.

„Договор што ги решава основните грижи на сите вклучени страни е на повидок. Но, ако не се дојде до него во следните недели, нуклеарниот напредок на Иран кој е во тек ќе ни го оневозможи враќањето на договорот“, рече таа.

Псаки истакна дека Роб Мали, специјалниот пратеник на САД за Иран, отпатува во Виена на индиректни разговори со Иран за можноста двете страни да го обноват почитувањето на договорот. Преговорите во Виена на кои присуствуваат претставници на Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Иран, Русија и индиректно Соединетите држави беа прекинати на 28 јануари за да им се овозможи на дипломатите време да се вратат во главните градови на консултации.

Продолжувањето на преговорите следува откако сите страни во последните недели наведоа дека има напредокот во обидот да се оживее договорот од 2015 година, кој требаше да го спречи Иран да се здобие со атомска бомба, цел што Техеран отсекогаш негирал дека ја има.