Литванија ќе бара постојано американско воено присуство во земјата

Претседателот на Литванија Гитанас Науседа

Претседателот на Литванија Гитанас Науседа вели дека балтичката земја ќе побара од Соединетите држави трајно да стационираат војници во земјата. Оваа изјава доаѓа во време во кое западните сојузници се обидуваат да ја зајакнат безбедноста во регионот поради загриженоста за воените намери на Русија.

„Се разбира, ќе разговараме со САД за да се увериме дека ротационите американски сили ќе бидат трајно во Литванија“, рече претседателот Науседа на прес-конференција на 9 февруари.

Тој додаде дека тоа би било најдобриот поттик за безбедноста што НАТО би можел да го обезбеди не само за Литванија, туку и за целиот регион. Соединетите држави од 2019 година имаат редовни ротации на борбени групи од околу 500 војници во Литванија поранешна советска република која има граница со руската енклава Калининград.

Другите сојузници на НАТО, исто така, најавија планови за зајакнување на нивото на војници во Источна Европа и на Балтикот во услови на зголемени тензии со Москва. Според разузнавачки извештаи на западните земји Русија испратила околу 100.000 војници во близина на границата со Украина, што предизвикува зголемена загриженост поради можна инвазија, која Москва ја негира.

Соединетите Држави соопштија дека ставаат 8.500 војници во „засилена готовност“ за да бидат подготвени да се распоредат во Европа, потенцијално за кратко време доколку е потребно.