ЕУ ја повтори својата поддршка за независните белоруски новинари

Александар Лукашенко

Европската унија ја повтори својата поддршка за независните белоруски новинари и повика на ослободување на сите политички затвореници, 18 месеци од претседателските избори по кои следеше бран на брутална репресија врз противниците на претседателот, Александар Лукашенко.

Лукашенко, кој е на власт во Белорусија од 1994 година, забележа убедливa победа на изборите на 9 август 2020 година, за кои опозицијата и нејзините поддржувачи тврдеа дека се наместени, по што следеа протести. Лукашенко насилно ги задуши протестите и гласот на неистомислениците што поттикна неколку земји да воведат санкции против повеќе официјални претставници, вклучувајќи го и самиот Лукашенко.

Западните држави и организации одбија да го признаат Лукашенко како легитимен лидер на Белорусија. Десетици илјади луѓе беа приведени во протестите поради изборите, а повеќето белоруски опозиционери и независни новинари или беа затворени поради поддршка на демонстрантите или ја напуштија земјата.

„Белоруските власти го прогласија за незаконско независното новинарство, а граѓаните се малтретирани затоа што бараат пристап до какво било независно известување“, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Тој додаде и дека Белорусија држи повеќе од 1.000 политички затвореници, вклучително и десетици новинари и медиумски работници.

„Многу затвореници беа изложени на злоупотреба и малтретирање и беа осудени на долги затворски казни во политичките судења што се водат зад затворени врати“, рече портпаролот на ЕУ, повикувајќи го режимот веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички притвореници.