Шеснаесет Авганистанци од Македонија заминаа за Канада

Архивска фотографија - Пристигнување на граѓани на Авганистан во Скопје.

Група од 16 граѓани на Авганистан денеска од меѓународниот аеродром Скопје заминаа кон Канада. За нив во изминатиот период Македонија обезбеди привремен престој како дел од светската хуманитарна акција за помош на продемократското население во Авганистан, кое беше доведено во опасност откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан лани во август.

„Станува збор за вработени, соработници и членови на нивните семејства на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ каде што Северна Македонија е официјална членка. Претходно во два наврата заминаа уште десетмина граѓани на кои, исто така, крајно одредиште им е Канада“, соопшти владиниот портпарол Душко Арсовски на редовната прес-конференција.

Во земјава во моментов престојуваат 542 авганистански граѓани на кои, рече Арсовски, институциите им ја даваат потребната поддршка и помош.

Од земјава досега заминаа 178 цивили на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот, додаде владиниот портпарол.
За цивилите кое се привремено сместени во Скопје, трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.