Туркменските власти најмуваат деца за справување со бездомни животни

Бездомни мачки во Ашгабат

Властите во главниот град на Туркменистан, Ашгабат, почнаа да ангажираат деца за да им помогнат во отстранувањето на бездомните мачки и кучиња од градските улици пред почетокот на седницата на Горниот дом на парламентот, обвинуваат активистите за права на животните.

Активистите, во строго контролираната поранешна советска република, се жалат дека во последните денови биле ангажирани работници од индустриски капацитети, па дури и деца за мали парични награди да лоцираат, фаќаат и убиваат улични животни или да ги предаваат во хангар во предградието на Ашгабат, каде животните се оставени да умрат без храна и вода.

Активистите за права на животните, кои го покренаа ова прашање на интернет, се соочија со притисок од властите. Властите ги посетувале домовите и канцелариите на активистите и ги предупредувале на можни последици.

Кампањата за ликвидација на мачки и кучиња скитници започна во време кога земјата се подготвува за седницата на Халк Маслахати (Народен совет) закажана за 11 февруари.

Вакви кампањи за собирање бездомни животни има со години особено во пресрет на важни државни и владини настани.

Членовите на Халк Маслахати, пак, се држат во карантин во еден од хотелите во Ашгабат од 10 јануари за да се намалат можностите респираторни болести да влијаат на одржувањето на парламентарната седница, јавуваат дописниците на Радио Слободна Европа.

Владата на Туркменистан се држи до својот став дека во земјата нема случаи на коронавирус и покрај сериозните сомневања покренати во врска со тврдењето.