Укинат куќниот притвор и на Спиро Ристовски

Архивска фотографија - Судење за „Организатори на 27 април“.

Поранешниот министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски излегува од куќен притвор. Тој е неправосилно осуден на шест години и три месеци затвор од Кривичниот суд Скопје за случајот „Организатори на 27 април”.

Кривичниот совет одлучил да ја прифати понудената гаранција од недвижен имот и да го ослободи од домашен притвор, а тоа ќе се случи кога ќе биде впишана во катастар. Нема податоци колкава гаранција понудил.

Предметот за случајот „Организатори на 27 април” е во Апелациониот суд Скопје, кој треба одржи јавна седница и да се произнесе за жалбените наводи на странките.

Минатата недела за истиот случај од домашен притвор беше ослободен и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски. Тој е осуден на затвор од шест и пол години. Вељаноски како гаранција дека нема да побегне ја понудил куќата во која живее чија вредност била проценета на 210 илјади евра.

Ристовски и Вељаноски се дел од осудените за загрозоување на уставниот поредок и безбедноста за време на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, кога имаше насилен упад. Покрај нив судот до јули лани ги осуди и поранешниот министер Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

Судот тогаш одлучи осудените Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски да бидат во куќен притвор до правосилноста на пресудата.

Пред четири години крвавите настани на 27 април се случија откако поддржувачите на „За заедничка Македонија“ упаднаа во Собранието, откако тогаш опозициската СДСМ заедно со ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса го формираа парламентарното мнозинство и го избраа Талат Џафери за собраниски спикер, по што следеше упадот. При упадот во Собранието, дел од толпата физички се пресмета со некои пратеници на СДСМ и други партии и посериозно беа повредени Зијадин Села, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Дамјан Манчевски, а во метежот беа повредени и новинари и сниматели во Парламентот.