Кривична пријава за Шилегов и Јанчева, СДСМ реагира дека тоа се непостоечки афери

Петре Шилегов

Против поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и поранешната претседателка на советот Љубица Јанчева денеска е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, информираше советникот за односи со јавност во Град Скопје, Даниел Апостолоски.

Според него, Јанчева искористила средства од буџетот на општината за организација на предновогодишна забава во ресторан во Скопје, а Шилегов без да се склучи договор преку тендер дозволил парите да бидат искористени. Со тоа, како што рече, пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот на Град Скопје.

„Во конкретниов случај, станува збор за произволно, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните од страна на Шилегов и Јанчева, кои за свои потреби, а спротивно на закон, искористиле средства од Буџетот на Град Скопје, ни помалку ни повеќе за организирање на предновогодишна забава во кафеана. Особено укажуваме дека Градот Скопје во наведениот период за 2019 година, веќе имал спроведено постапка и доделено договор за јавна набавка на други правни субјекти за угостителски услуги, во кои не спаѓа правниот субјект каде се правеле забави на сметка на граѓаните. Оттука, јасно произлегува дека Петре Шилегов и Љубица Јанчева искористиле средства од Буџетот на Град Скопје надвор од законски пропишаната процедура, на кој начин го оштетиле Буџетот на Градот Скопје“, додаде Апостолоски.

Од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ измислува непостоечки афери, поднесува пријави со една цел, како што посочуваат од владејчката партијата, да се обидат да го прикријат неработењето на градоначалничката Данела Арсовска.

„Три месеци од мандатот потроши Арсовска и не спроведе ниту еден еднинствен свој проект, освен што нивелираше некоја шахта и што ја партизираше градската администрација.Тоа го гледаат и граѓаните, тоа им е јасно на сите, затоа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја правдаат Арсовска и преку конструкции и измислици се обидуваат да го прикријат нејзиното неработење и дејствување на штета на градот и граѓаните“, велат од СДСМ.