Битиќи: Mинималната плата нема да падне под прагот од 57 отсто од просечната плата

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави денеска дека постигнат е успех со договорот за зголемување на минималната плата на 18 илjaди денари. Но, според него, поважно е што се дефинирала методологија за усогласување на минимална плата. Согласно договореното минималната плата секоја година ќе се усогласува со 2 критериуми, а тоа е порастот на животниот стандард и порастот на просечната плата, при што минималната плата никогаш нема да биде помала од 57 отсто од просечната плата.

„Тоа што ние нема да го дозволиме е да се вратиме на она претходно ниво. Само да се потсетиме дека во 2016-та година минималната плата беше на удел од 38% од просечната плата, со поставување на прагот од 57%, ние сме далеку над можеби сите земји од Западен Балкан. Тоа гарантира на секој еден работник што и да се случува понатаму дека никогаш минималната плата нема да падне под прагот од 57% од просечната плата. Тоа е успеход од дијалогот со социјалните партнери, успехот е заедничко решение и мислам дека тоа е најголемиот успех кој што вчера го постигнавме“, изјави Битиќи за време на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“, која се емитува на електронскиот медиум „Слободна ТВ“.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа по средбата на Економско социјалниот совет во Владата информираше дека е постигнат договор со ССМ и со Организацијата на работодавачи да се зголеми износот на минимална плата од 18 илјади денари, со што како што рече, 80 илјади граѓани ќе се издигнат на прагот над сиромаштијата. Почнувајќи од мартовската плата, како што рече тој, работниците ќе имаат покачување од околу 45 евра.