Шокови и рокови

МАКЕДОНИЈА - СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. За владејачката партија станува збор за политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите кај македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело.

ГЕРМАНИЈА - Петнаесет климатски активисти се залепија на асфалтот на автопатите во Германија, предизвикувајќи сообраќаен метеж, во рамки на најновите протести со кои бараат закон против фрлањето храна и намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството, објави Ројтерс.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска рече дека САД и ЕУ работат на заштита на европските енергетски резерви од шокови кои произлегуваат од украинската криза.

БЕЛГИЈА - НАТО размислува за воено присуство во источна Европа на подолги рокови за да ја зајакне својата одбрана, бидејќи тензиите остануваат силни поради зголеменото военото присуство на Русија во близина на Украина, изјави генералниот секретар, Јенс Столтенберг.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието, Талат Џафери го добил писмото од претседателката на Уставниот Суд, Добрила Кацарска во врска со проблемите во работењето на Уставниот суд, соопштија од неговиот кабинет. Собранието, како што се наведува во соопштението, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во земјата. Кацарска побара Собранието да избере уставни судии за судот да може да работи, а Џафери одговори дека постапката е закочена во собраниската Комисија.

МАКЕДОНИЈА - Вакцинацијата против Ковид -19 се препорачува за трудници, за оние кои дојат и за оние кои се обидуваат да забременат, се вели во извештајот што денеска го објави Институтот за јавно здравје. Ако жената забремени откако ја добила првата вакцина против Ковид-19, а се потребни две дози, треба да ја прими втората вакцина за да добие што е можно поголема заштита, се вели во извештајот. Бремените жени можат да примат и бустер доза.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука (МОН) денеска соопшти дека не е точна веста за хакерски напад на нивниот компјутерски систем, како што, прво на социјалните мрежи, а потоа и во повеќе медиуми беше пренесена информацијата за грчки хакерски упад во системот на МОН.

АВСТРАЛИЈА - Австралија најави повторно отворање на границите за вакцинираните туристи и за останатите кои имаат виза, прв пат по пауза од две години.

РУСИЈА / САД - Американскиот претседател Џо Бајден изјави во неделата дека нема да шпекулира за понатамошни чекори што неговата администрација е подготвена да ги преземе во услови на тековни тензии со Русија околу Украина. Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин бара работи што не може да ги добие.