Спасовски: Сајбер-нападите се реална закана, имаме механизми за одбрана

Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи

Нема хакерски напад на Министерството за образование и наука и на другите институции, не се земени податоци и документи и не e нападнат системот за видеонадзор, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по објавите на социјалните мрежи дека грчка хакерска група го пробила компјутерскиот систем на МОН.

Тој рече дека сајбер-нападите се реална закана за сите институции и посочи дека државата има механизми, како и дека секоја институција поединечно работи на заштита на своите електронски податоци. Притоа дополни дека МВР е во координација со својот Оддел за спречување компјутерски криминал и со Агенцијата за електронски комуникации и дека на државните институции им се дава потребната стручна помош со цел да се заштити системот.

„Меѓутоа, тоа е нешто што постојано треба да се надградува, да се јакнат и материјално-техничките и човечките ресурси во секое од министерствата и посебно кај нас во Одделот за спечување компјутерски криминал. Досега имало обиди за напади на одредени веб-страници на институции, но поради воспоставенот одбранбен механизам тоа не се случило. Тоа беше лажна вест, мислам дека не треба да создаваме некаква фама ако такво нешто не постои“, рече Спасовски во изјава за Сител.

И од МОН денеска информираа дека видеоснимките од безбедносни камери кои беа објавени на социјалните мрежи не се од нивни простории и дека по направени проверки заедно со надлежните институции за справување со компјутерски инциденти, не е констатиран никаков упад во електронските системи и бази на податоци со кои располага.

Во изминатиот период јавноста неретко беше сведок на нефункционални сајтови на инстутуциите, дел од нив и поради хакерски напади.

Така, минатиот месец два дена беше „падната“ веб страната Услуги.гов.мк кој воедно се користи како основа и за логирање на Vakcinacija.mk – најпопуларниот владин сајт во изминатите две години поради пандемијата. Лани веб страната на Државниот завод за статистика и системот за попишување биле цел на хакерски напади за нив беше отворена истрага. Во 2020 година сајтот и меил системот на министерството за здравство беше хакиран, а во октомври 2021 година од системот на Вакцинација. мк неколку хакери објавија дека си извадиле важечки ковид сертификати иако не примиле вакцина.

Пред две години за прв пат жртва на хакерски напади беше и апликацијата на Државната изборна комисија за време на изборен процес при што се откри дека во институцијата само еден човек бил задолжен за овој сектор. Веб страната на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk беше цел на хакерски напад на само две недели пред тие избори на 28.06. Нападот тогаш бил согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб страната и е веднаш пријавен до Одделот за компјутерски криминал при МВР.

Во тој период хакерската група Анонимуси Мк презеде одговорност за сајбер нападите на Министерството за образование и наука и на Министерството за здравство. Дополнително интернет страницата на МОН беше недостапна кога беа објавени резултатите за студентските стипендии за академската 2020/2021 година. Со тоа беа оневозможени студентите кои се стекнале со правото на користење студентска стипендија да си ги симнат потребните документи за да потпишат договор.