„Негативно мислење“ во Законот за клевета сменето со „омаловажува“

Министерство за правда

Се менува формулацијата „негативно мислење“ во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета по реакциите во јавноста, со формулацијата „има намера да омаловажи“.

Министерството за правда соопшти дека спорната формулација се надминува и членот 6 став 1 би гласел:

„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед.“

Од Министерството за правда велат дека на законот работела работна група во чии состав имало членови од сите засегнати страни, вклучувајќи ги претставниците на новинарските здруженија и синдикати, судии, универзитетски професори и дека не може да се става сомнеж околу компетентноста на истата.

Покрај во членот 6 став 1, ќе се интервенира и во членот 7 и 11.

Со измените на Законот се намалува и висината на казните за нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета. Досега казната за новинар во вршење на новинарска професија, доколку направи навреда или клевета беше 2000 евра, а со измените би била 400. Казната за уредник од 10 илјади евра се намалува на 2000, а за правно лице од 15 илјади евра на 5000 евра.

Во членот 6 од предлог Законот, кој што предизвика реакции, се наведуваше дека „за навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“.

По реакциите Министерството за правда соопшти дека формулацијата е грешна и дека ќе се интервенира.