МОН демантира дека имало упад во нивниот компјутерски систем

Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука (МОН) денеска соопшти дека не е точна веста за хакерски напад на нивниот компјутерски систем.

„По направените проверки не е констатиран никаков упад во електронските системи и бази на податоци со кои располага Министерството“, велат од МОН.

Веста за наводниот упад се прошири на социјалните мрежи. Според информацијата која се појави на социјалните мрежи, грчка хакерска група го пробила компјутерскиот систем на МОН и ја презела контролата врз надгледните камери и интернет-страницата.

Од МОН велат дека видеоснимките од безбедносни камери кои се прикажуваат не се од простории на Министерството.

Министерството за образование апелира до граѓаните да бидат спокојни по однос на прашањето за заштита на личните податоци со кои располагаат за учениците, студентите и наставниот кадар.