Вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19 и имаат валиден европски сертификат, од утре во Грција ќе патуваат слободно, без да биде потребно дополнително да се тестираат, додека пак за останатите, задолжителен е негативен резултат од ПЦР или рапид тест, согласно измените на мерките што утре стапуваат во сила, а важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
По нешто помалку од два месеци, Грција ја укина мерката за задолжителен ПЦР/рапид тест за сите патници од сите земји независно од тоа дали се вакцинирани или не, нешто што во петокот го соопшти и министерот за здравство Танос Плеврис кој рече дека „влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест“.
Со укинувањето на вонредната мерка, всушност условите за патување кај јужниот сосед се истите како што беа и претходно, пред да се воведе задолжителниот тест, но со ограничувања во однос на важноста на сертификатот за вакцинација, на девет месеци по втората доза и потврдата за прележан Ковид-19, 180 дена по првиот позитивен резултат.
Европскиот дигитален серификат треба да ги содржи основните лични податоци, односно име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.
Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.