Пожар во руската амбасада во Манила, вработените евакуирани

Голем пожар избувна во руската амбасада во Манила, главниот град на Филипините, по што се евакуирани вработените и нивните семејства. Во пожарот нема повредени, соопштија руските и филипинските власти денеска.
Инспекторите се обидуваат да ја утврдат причината за повеќечасовниот пожар, кој започнал на вториот кат на амбасадата во текот на ноќта и предизвика сериозни штети, соопшти филипинското биро за противпожарна заштита.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека сите вработени во амбасадата се безбедно евакуирани.

„Нема жртви или повредени. Вработените и членовите на нивните семејства кои беа во амбасадата се евакуирани“, се наведува во соопштението на Министерството.

Повеќе од десетина противпожарни возила учествуваа во гасењето на пожарот во луксузниот и строго чуван кварт во Манила каде се наоѓаат неколку амбасади и дипломатски резиденции.