Косово, Бугарија и Норвешка ги олеснија мерките за влез на државјаните на Република Северна Македонија во овие земји, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).
Владата на Косово донесе одлука со која се укинува барањето за државјаните на Македонија при влез да приложат потврда за примена трета доза на вакцина против коронавирусот. Со новата одлука која ќе стапи на сила почнувајќи од утре, македонските државјани можат да влезат во Косово доколку поседуваат сертификат за примени две дози вакцини против ковид-19, или една доза, но со ПЦР тест.
Норвешка им ги укина ограничувањата за влез на македонски државјани, при што сепак продолжува да се бара пополнување на формулар за регистрација пред влегување во Норвешка, како и задолжително приложување на негативен ПЦР тест направен 24 часа пред влез во Норвешка, доколку лицето е постаро од 18 години и не поседува валиден сертификат за вакцинација или за прележан ковид-19.
Олеснети мерки за влез и во Бугарија, кои предвидуваат приложување на еден од следните документи: сертификат за примени две или три дози на вакцина против ковид- 19; сертификат за прележан ковид- 19, негативен ПЦР или негативен антиген тест.
Според последните податоци во земјава бројот на активни случаи на заразени со ковид-19 изнесува 12.764.