Свечено отворени Зимските олимписки игри 

Факел на Зимски олимписки игри

Почнаа Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, со што овој град во Кина стана прв во историјата кој што е домаќин и на летните и на зимските олимписки игри.

Подготовките за Зимските олимписки игри ги обележа пандемијата со ковид 19, но и критиките од Западот за кршење на човековите права во Кина, поради што голем број на високи западни функционери го откажаа присуството на церемонијата за отворање. На ЗОИ во Пекинг ќе настапат 91 земја.

Кинескиот претседател Си Џинпинг официјално го означи стартот на олимписките игри на делумно исполнетиот стадион „Птичјо гнездо“.

На палењето на факелот му претходеше спектакуларен огномет и изведба на песната „Imagine" од Џон Ленон.

На истиот стадион во Пекинг беа отворени и Летните олимписки игри во 2008-ма година.

Бројот на присутни на стадионот е ограничен, за да се спречи ширењето на ковид 19.

„Затворен балон“ ги двои натпреварувачите од публиката. Сите кои што се наоѓаат внатре во „балонот“ мора секојдневно да се тестираат и да носат маска.

На церемонијата на отворање учествуваа 3.000 изведувачи на бината на која беше поставен ЛЕД екран со висока резолуција.

Традиционално, парадата ја предводеше Грција, останатите претставници беа подредени според називот на нивните држави на кинески јазик, додека спортистите од Кина, како домаќин, излегоа последни и предизвикаа силни овации на стадионот.

Рускиот претседател, Владимир Путин беше на трибините без маска. Но, руските претставници не можеа да го носат руското знаме, поради прекршувања поврзани со допинг, па така маршираа под ознаките на рускиот олимписки комитет.

Освен Путин, кинескиот претседател беше домаќин на уште 20 светски лидери. Меѓу нив не беа САД, Британија, Канада, Германија, Австралија и други земји кои што одлучија да го бојкотираат отворањето поради ситуацијата со човековите права во Кина, особено човековите права на Ујгурите, но и на другите муслимански малцинства во провинцијата Синџијанг.

Изборот на Пекинг беше критикуван и поради недостатокот од природен снег. Настаните на отворено ќе се случуваат речиси исклучиво само на вештачки снег.