Ковачевски побарал од Фон дер Лајен засилен ангажман за деблокирање на евроинтеграцијата

Брисел- македонскиот премиер Димитар Ковачевски на средба со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен,4.2.2022

Во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со Европската унија едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски за време на средбата денеска во Брисел со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Ковачевски ја информирал Фон дер Лајен за резултатите од интензивната агенда на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, посочувајќи дека на двете официјални работни средби и во Скопје и во Софија, се постигна договор за унапредување на билатералната соработка преку создавање на пет работни групи. Тој истакнал дека од нивната работа се очекуваат конкретни резултати кои ќе бидат преточени во патоказ кој ќе го забрза процесот за одржување на првата Меѓувладина седница на Северна Македонија со ЕУ за отворање на поглавјата за членство во Унијата.

„Од исклучителна важност во тој процес е вклучувањето на Европската комисија и Француското Претседателството со ЕУ за да се овозможи решенијата да бидат во согласност со европските стандарди и вредности“,се наведува во владиното соопштение.

Двајцата соговорници на средбата се согласија дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите. Претседателката на ЕК со објава на Твитер му посака добредојде на премиерот Ковачевски.

„Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи со испорачување на реформите и да го одржи позитивниот моментум со Бугарија, на нејзиниот пат кон ЕУ“, напиша Фон дер Лајен.

Новите премиери во двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков најавија нов пристап во разговорите за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата кои се сметаат за спорни оти се важни и за двете општества.