Бојкотирана седницата на Советот за национална безбедност на Црна Гора

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ.

Ниту третата по ред седница на Советот за национална безбедност (ВНБ), закажана за денеска од страна на црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, не се одржа поради немање кворум. Петмина од вкупно девет членови на ВНБ повторно ја бојкотираа седницата, соопшти кабинетот на премиерот.

На седницата не се појавија вицепремиерот Дритан Абазовиќ, лидерите на парламентарната Комисија за безбедност Милан Кнежевиќ и Мевлудин Нухоџиќ, како и министрите за внатрешни работи и за надворешни работи Сергеј Секуловиќ и Ѓорѓе Радуловиќ.

Загрижувачки е тоа што луѓето на вакви одговорни позиции изразуваат лична и професионална неодговорност, а ја игнорираат потребата и обврската да се грижат за безбедноста на сите граѓани, соопшти Кабинетот на Кривокапиќ.

Во соопштението се додава дека само еден член на Советот е од редовите на парламентарното малцинство, што имплицира „дека опструкцијата на неговата работа ја вршат оние кои до вчера гордо ја истакнуваа својата припадност кон новата и демократска власт“.

Претходните две седници на ВНБ не се одржаа исто така поради немање кворум, бидејќи на поканата на Кривокапиќ на 25 и 26 јануари не дојдоа Абазовиќ, Радуловиќ, Секуловиќ, Кнежевиќ и Нухоџиќ.

На тие седници освен Кривокапиќ, кој претседава со ВНБ, се појавија и министрите за одбрана и финансии, Оливера Ињац и Милојко Спајиќ, како и директорот на Агенцијата за национална безбедност Дејан Вукшиќ.

Закажаната седница на ВНБ требаше да се одржи два часа пред седницата на Собранието, на која мнозинството пратеници одбија на дневен ред да биде ставена иницијативата на премиерот Кривокапиќ за смена на вицепремиерот Абазовиќ.

Претходно беше најавено дека на дневен ред на ВНБ ќе биде вклучен извештај за активностите на безбедносниот сектор за време на устоличувањето на митрополитот на СПЦ во Црна Гора, Јоаникиј во Цетиње, на 5 септември минатата година.

Утре Парламентот ќе гласа за смена на владата на Кривокапиќ, што беше иницирано од движењето УРА на Абазовиќ, со поддршка на опозицијата и малцинските партии.

Владата беше изгласана на почетокот на декември 2020 година од страна на просрпскиот Демократски фронт, Демократите и движењето УРА, по изборите во август на кои беше сменета тридецениската влада на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ.