Столтенберг - Русија распоредува 30.000 војници во Белорусија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изрази загриженост дека Русија продолжува да го зајакнува своето воено присуство околу Украина и дека распоредува 30.000 војници во Белорусија, најмногу од крајот на Студената војна, пренесува АП.

Русија сега има повеќе од 100.000 војници стационирани во близина на северната и источната граница на Украина, што предизвикува загриженост дека би можела повторно да изврши инвазија како во 2014 година и да ја дестабилизира украинската економија. Руските власти негираат дека се планира инвазија.

„Во последните денови видовме значително движење на руските воени сили во Белорусија. Ова е најголемото руско распоредување во земјата од Студената војна“, изјави Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел.

Тој рече дека бројот на руски војници во Белорусија најверојатно ќе се искачи на 30.000, со поддршка на специјални сили, најсовремени борбени авиони, балистичките ракети со краток дострел Искандер и системите за одбрана земја-воздух С-400 .

„Значи, ние зборуваме за широк опсег на современи воени способности. Сето ова ќе биде комбинирано со годишната вежба на руските нуклеарни сили која се очекува овој месец“, рече Столтенберг.

Тој ја повика Москва на „деескалација“ и ги повтори предупредувањата од Западот дека „секоја понатамошна руска агресија ќе има тешки последици и ќе има висока цена“.

НАТО нема намера да распореди војници во Украина доколку Русија изврши инвазија, но почна да ја зајакнува одбраната на блиските земји-членки, особено во Естонија, Латвија, Литванија и Полска.

Северноатлантската алијанса, исто така, планира да ја зајакне својата одбрана во регионот на Црното Море во близина на Бугарија и Романија.