Хакиран веб-сајтот на иранската државна телевизија, пуштена антивладина порака

Иран - Телевебион беше цел на хакерски напад.

Интернет страницата за стриминг на иранската државна телевизија „Телевебион“ објави дека се соочила со „технички проблеми“, откако дисидентската хакерска група, која себеси се нарекува Едалат-е Али (Правда на Али), соопшти дека на платформата пуштила антивладина порака.

Телевебион соопшти дека денеска претрпел „неправилности во инфраструктурата“, без да образложи која е причината.

Проблемите беа објавени додкеа видео-порака на персиски јазик (фарси) беше испратена до Радио Слободна Европа, во која се тврди дека е од самата група на хакери.

Во видеото, кое наводно било пуштено на платформата за стриминг „Телевебион“, се појавува маскиран маж кој со придушен глас вели дека иранскиот режим „повеќе нема да нè замолчува“.

„Ќе ги запалиме хиџабите. Ќе ги запалиме нивните слики и пропагандни плакати“, вели маскираниот маж додека млада жена во позадина го соблекува хиџабот.

„Ќе им ги скршиме идолите. Ќе ги откриеме нивните палати за народот да ги казни“, се вели во видеото.

Групата досега не одговори на барањето на РСЕ за потврда дека тие стојат зад инцидентот.

Во август хакерската група објави снимка на која беа прикажани суровите услови во озлогласениот затвор Евин во Техеран, а за кои групата тврдеше дека ги добила преку хакирање.