Петков: Посетата на Скопје беше ужасно многу задоцнета

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека посетата на Северна Македонија не била избрзана, туку „ужасно многу задоцнета“.

„Вистината е дека Бугарија изгуби 30 години во тие односи. Мојата посета не само што не е избрзана, туку и ужасно задоцнета. Не јас како премиер, таа беше задоцнета бидејќи бугарската страна треба да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап“, рече Петков откако бугарскиот претседател Румен Радев изјави неговата посета на Скопје била избрзана.

Петков изрази жалење дека Бугарија изгубила толку многу години и притоа порача дека не можел да ја одложува посетата за ниту еден ден. Радев смета дека посетата на Петков на Република Северна Македонија била избрзана и може погрешно да се протолкува. Секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна, изјави Радев.

Бугарија од 2020 година ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Бугарската страна сега бара вметнување на македонските Бугари во уставот, но негираат постоење на македонско малцинство во Бугарија.

Петков најави дека Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Тоа би значело дека одбележувањето на раѓањето на Делчев ќе се одржи во петок на четврти февруари, датумот на кој е роден револуционерот. Петков беше во посета на Скопје на 18 јануари, а на 25 јануари се одржа заедничка седница на македонската и бугарската влада во Софија.