Петличковски: Вакцинацијата и третата доза клучни за заштита од инфекција

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Единствен начин да се намали бројот на реинфекции останува вакцинацијата против Ковид-19, вклучително и третата доза за која има многу студии кои укажуваат дека заштитата од инфекција пораснува над 80 проценти, изјави новиот претседател на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски.

Тој додаде дека омикронот може да го избегне имунитетот од прележување на делта варијантата, но и имунитетот постигнат со вакцина ако таа е примена пред подолго време.

За време на прес-конференцијата на која беше објавен дополнетиот состав на Комисијата, Петличковски посочи дека и понатаму треба да останат постојните мерки за заштита, маски, дистанца.

Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ пак рече дека сертификатите остануваат.

„Трансмисијата на вирусот е се уште на високо ниво. Се наоѓаме во зимски месеци кога таа преносливост е дополнително олеснета и доколку сега направиме еден таков радикален чекор за укинување на ковид сертификатите особено ако земеме предвид дека имаме многу низок степен на вакцинација тоа ќе биде нешто што може дополнително значително да го оптовари здравствениот систем и сега таа мерка би била апсолутно контрапродуктивна и затоа нема да се разгледува во наредниот период“, додаде Мехмедовиќ.

Од Комисијата посочија дека луѓето не треба да се опуштат бидејќи сметаат дека омикрон варијантата е полесна.