Обединетото кралство силно ја поддржува евроатланската интеграција на земјите од Западен Балкан вклучително и на Северна Македонија и го охрабрува решавањето на прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија, порачува во видео порака специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, надлежен за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич по неговите средби со претставниците на државниот врв во Скопје.
„Целта за пристапување кон ЕУ е суверен избор на Северна Македонија и важен стимул за реформите. Сметаме дека од клучно значење е Северна Македонија да остане посветена на спроведување на својата реформска агенда, посебно реформите кои се однесуваат на владеење на правото, доброто управување, човековите права и заштита на малцинствата. Овие реформи се неопходни за напредокот кон пристапувањето во ЕУ“, вели меѓудругото Пич во видео пораката.
Тој додава дека Западниот Балкан е од клучно значење во визијата на Обединетото Кралство за градење на европската и безбедносна мрежа. Додава дека министрите на Обединетото кралство го охрабруваат решавањето на прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Го поздравуваме ангажманот на Северна Македонија и Бугарија за решавање на овие прашања бидејќи тоа ќе и помогне на Северна Македонија да продолжи по својата евроатланска траекторија без никакво одложување“, порачува Пич.
За време на посетата на Северна Македонија, Сер Стјуарт се сретна со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, членовите на опозицијата и младите со кои разговараше за идното продлабочување на веќе воспоставените силни билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и ја потврди силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на Западен Балкан како и посветеноста на Обединетото Кралство на зајакнувањето на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето со криминалот и корупцијата, соопштија од Британската амбасада.