Ако се спроведува Преспанскиот договор, Грција ќе ја поддржува Македонија за ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево имаше телефонски разговор со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој му честита на изборот за премиер.

Како што соопшти владината прес-служба, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво, и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството.

Претседателот на Владата Ковачевски му се заблагодарил на премиерот Мицотакис за поддршката што тој во континуитет ја дава за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ, соопшти владата.

Грчкиот премиер, според неговиот кабинет, нагласил дека оваа поддршка е „директно поврзана со целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, што исто така е дел од пристапниот процес“.

Премиерите Ковачевски и Мицотакис разговарале и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што се договорија и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во април.

Ова е прв телефонски разговор и прв контакт на премиерот Ковачевски со неговиот грчки колега.