Нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да се очекува напредок во работата на заедничката комисија, вели Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, коментирајќи ги последните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров.
„Колку ќе се овозможи приближување на ставовите зависи и од двете страни, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците. Нема промена во реториката и во пристапот на бугарската страна и сѐ додека е тоа така, не очекуваме дека ќе има придвижување. Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување. Со постојанава реторика всушност се минираат исходите на средбите“, вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.
Тој потврдува дека дека следната средба ќе биде кон крајот на февруари во Софија, а до крајот на мај е договорено да се одржат три средби. Ѓорѓиев додава дека со Димитров се договориле дека годишно може да имаат најмногу шест средби, односно плус уште една за разлика од порано.
Димитров денеска, во изјава за БНТ, обвини дека блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата се должи на „неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век“.
Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Тоа би значело дека одбележувањето на раѓањето на Делчев ќе се одржи во петок на четврти февруари, датумот на кој е роден револуционерот.
Тој долго време беше тема на разговори во заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака за него. Досега комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности - Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Петков повтори дека тие нема да ги менуваат членовите на нивниот дел од комисијата. Во македонскиот тим пак досега се сменети двајца членови.