ВМРО-ДПМНЕ: Фирма блиска до Рашковски земала тендери вредни 850 илјади евра од Дрисла

Депонијата Дрисла

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека фирма блиска до поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски земала тендери вредни 850.000 евра од Дрисла.

„Како во време на СДСМ, додека со Дрисла управува Коста Начевски, роднина на Рашковски и функционер на СДСМ, фирмата Алпима Градба на Александар Пиперевалиев од Струмица, бизнис партнер на Заеви и роднина на Рашковски склучува договори за изнајмување на машини со јавното претпријатие, за што му се исплаќаат близу еден милион евра?“, велат од партијата.

Според опозициската партија, фирмата Алпима Градба, сопственост на Пиперевалиев, од Струмица, близок до Рашковски, со само два договори од 2019 и 2020 година успева со изнајмување на машини да оствари приход од Дрисла близу еден милион евра.

„Како токму фирмата од Струмица, блиска до Заеви и до Рашковски го добива тендерот за изнајмување машини во Дрисла? Дали за Алпима Градба е менувана тендерска документација во отворена постапка?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека според договорот од 2020 година, вреден над 12 милиони денари, и тоа е првата работа откако Дрисла станува ЈП и со претпријатието почнува да управува Коста Начевски.

Стоилковски посочи дека огласот за изнајмување на механизација, првично содржел услови за заинтересираните да имаат минимален годишен приход од 20 милиони денари годишно три последователни години, последните години, да имаат најмалку 12 вработени и други критериуми коишто додека е отворена постапката, се менуваат и се бришат. Односно, како што наведе, огласот почнува да ги добива контурите токму како на фирмата на Пиперевалиев од Струмица, бизнис партнер на Заев и роднина на Драги Рашковски, во тој момент генерален секретар на Владата.

Вториот спорен момент, според Стоилковски, е што за договорот меѓу Дрисла и фирмата на Пиперевалиев е прекршен Законот за јавни набавки и договорот е склучен во четири очи.