Еден граѓанин се пожалил до надлежните институции за дискриминација поради бугарско потекло

Македонското и бугарското знаме. Илустрација.

Претседателката на Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација Весна Беневска информира дека до комисијата минатата година бил доставен еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство.

„При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло. Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен. Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место“, изјави Бендевска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.

Таа притоа ги охрабри сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирано по кој било основ- етнички, родов, сексуален, политички и други основи, да поднесат претставка до Комисијата. Според неа, работата на Комисијата има ефект.

„Граѓанинот не мора ни да знае како да ја формулира претставката, доволно е да изнесе поради што ја поднесува претставката. Ние имаме право без најава да влеземе кај пријавениот за дискриминација и да извршиме увид па да го формулираме основот или основите на дискриминација“, вели Бендевска.

Бугарија од 2020 година ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Бугарската страна сега бара вметнување на македонските Бугари во уставот, но негираат постоење на македонско малцинство во Бугарија. Претседателот Стево Пендаровски пред некој ден се сретна со претставници на здруженијата на Македонците од Бугарија.