Тренчевска најави зголемување на минималната плата

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека трудот на работниците мора да се почитува, особено во делот на унапредувањето на работничкиот статус и квалитетот на живеење во услови на економска и здравствена криза.

„Затоа Владата преку дијалог со работниците и работодавачите ќе ја зголеми минималната плата на 18.000 денари а до крајот на мандатот на 20.000 денари“, рече Тренчевска во интервју за утринската програма на МРТВ.

Таа заедно со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија денеска ќе има состанок кај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Ќе разговараме за минималната плата и за дијалогот кој ќе го продолжиме понатаму во Економско социјалниот совет за да изнајдеме најдобро решение прифатливо за сите“, рече министерката Тренчевска во интервјуто.

ССМ бара веднаш да биде зголемена минималната плата на 18.000 денари во нето износ и таа да не биде пониска од 60 проценти од просечно исплатената месечна нето плата во последните три месеци, како и задолжително усогласување на сите останати плати во државата. Од синдикатот најавија и дека на средбата ќе бараат и потпишувањето на општ колективен договор за јавниот сектор со кој ќе се врати регресот за годишен одмор познат како К-15.