ССМ бара зголемување на минималната плата и исплата на К-15 за јавниот сектор

Сојуз на синдикати на Македонија ССМ

Работниците очекуваат позитивен одговор на предлогот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати и регрес за годишен одмор за работниците во јавниот сектор, велат од Сојуз на синдикатите во Македонија. Во нивното соопштени е се наведува дека очекуваат позитивниот одговор да им биде испорачан на утрешната средба во Владата.

„Во оваа ковид, економска и енергетска криза потребно е зголемување на платите, а тоа го покажува и анализата на еминентните професори која покажува дека зголемувањето на минималната плата нема негативен ефект врз фирмите и не влијае врз намалувањето на нивната профитабилност. Напротив, со растот на платите на вработените, кај нив се зголемува мотивацијата, а со тоа и продуктивноста со што не се забележуваат промени во профитабилноста на фирмите или дека за да се зголеми продуктивноста треба да се зголеми минималната плата, а со тоа ќе се зголеми и додадената вредност на фирмите, односно БДП“, велат од ССМ.

Струјата од Нова година поскапе за 10 отсто, парното за 14 отсто, а трошоците за живот во декември биле за скоро 5 отсто повисоки во однос на истиот месец претходната година.

Ни со две минимални плати не може да се прехрани четиричлено семејство

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека храната во декември била за скоро 7 отсто поскапа отколку минатиот декември, а превозот за дури 17 проценти.

Минималната плата во моментов е околу 15200 денари, а според Сојузот на синдикати на Македонија, околу 110 илјади вработени во земјава ја примаат најниската плата.