ВМРО-ДПМНЕ бара второто полугодие да продолжи он лајн

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ја преиспита одлуката за второто полугодие да почне со физичко присуство на учениците затоа што засилено се шири омикрон варијантата на ковид-19. Партијата и предлага на власта наставата за учениците од четврто до деветто одделение да продолжи онлајн во наредните две недели, а од прво до трето одделение наставата да започне со физичко присуство.

„Уште еднаш ги повикуваме министерот Беким Сали и оваа неодговорна влада предводена од пиунот Ковачевски да ја преиспитаат одлуката за започнување на второто полугодие за учениците во услови кога сојот омикрон коси во државата“.

Во нивното соопштение е наведено дека во текот на изминатата недела поради неспособноста на власта да се справи со пандемијата починале вкупно 180 луѓе. Во него е посочено дека во моментот во државата има скоро 20 илјади активни случаи на корона вирус или колку еден поголем град во Македонија и над 8.300 починати како последица на ковид- 19.

Сали- второто полугодие ќе биде со физичко присуство

Со слично барање излезе и Синдикатот за образование, наука и култура кој побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство. Сметаат дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.

СОНК бара онлајн настава во второто полугодие

Второто полугодие во училиштата ќе започне со физичко присуство бидејќи, како што во петокот изјави министерот за здравство Беким Сали, епидемиолошката состојба го дозволува тоа. Министерството за здравство најави дека ќе прави случаен скрининг меѓу учениците. Доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, министерот најавува дека ќе бидат преземени мерки.