Во историјата на Државната комисија за спречување на корупција за 20 години до Јавното обвинителството се доставени 165 иницијативи за кривично гонење, од кои само три дошле до суд, информира претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.
Таа посочува деа тоа е мала бројка ако се има предвид дека не се само наодите на ДКСК. Според неа треба да се зајакнат капациетите во Јавното обвинителство за да можат предметите побрзо да се проследуваат до судовите. Само во изминатите три години, Антикорупциска комисија поднела 18 иницијативи до Јавното обвинителство. Од нив за шест добиле одговори од кои две се отфрлени, за две е промена на фактичка состојба, а за две иницијативи Јавното ообвинителство постапува.
„Сметам дека треба да се зајакнат капациетите во обвинителството воопшто за да можат предметите побрзо да се проследуваат до судовите. Сметам дека најмногу од се треба првиот филтер – Јавното обвинителство да ги зајакне своите капацитети и да работи поекспедитивно“, рече Ивановска.
На прес конференцијата Ивановска посочи дека ДКСК во текот на минатата година донесе одлуки по вкупно 707 предмети. Од нив 404 одлуки се од областа на корупцијата, 171 од областа на судирот на интереси, 40 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 92 на проверка на имотот на функционерите. ДКСК започна со следење на спроведувањето на активностите превдвидени со Националната стратегија, информира Ивановска.
Напредок од 24 места на Индексот за перцепција на корупцијата
„Тука би ги издвоила и укажувачите како важна алка во зајакнување на принципите за владеење на правото. За да го унапредиме овој систем и да создадеме услови за тој да заживее, развиваме и софтверско решение за поддршка на укажувачите. Со ова решение се олеснува процесот на пријава на неправилности, а притоа се охрабруваат поединците полесно и на анонимен начин да ги пријавуваат своите сомнежи и сознанија за постоење корупција. За да придонесеме повеќе за создавање позитивна клима за заштита на укажувачите и воопшто за олеснување на овој процес, оваа алатка им ја понудивме и на повеќе други институции кои инаку се законски обврзани да ги следат укажувачите, а голем дел од нив и веќе ја прифатија оваа можност да ја користат – меѓу нив Народниот правобранител, Инспекцискиот совет и повеќе инспекторати, појасни Ивановска, додавајќи дека во тек е инсталација на ова софтверско решение во МВР.
Таа најави дека за кратко време ќе се доврши и регистарот за избрани и именувани лица со кој ќе имаат електронско доставување на изјавите за имотна состојба и интереси, систем на прибирање податоци од други институции, нивна обработка итн. Во тек е и донесувањето на квантитативно истражување за перцепциите и ставовите на граѓаните за укажувачите.