СОНК бара онлајн настава во второто полугодие

Macedonia - Students from a primary school in Skopje teaching in conditions of pandemic with covid-19

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара преиспитување на одлуката наставата во второто полугодие да почне со физичко присуство. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.

Ќе го одложи ли ширењето на омикронот одложувањето на второто полугодие?

Тој во изјава за новинската агенција МИА, предлага наставата да почне онлајн, а потоа доколку епидемиолошката состојба се подобрува, тогаш да се направи проценка дали постојат услови за физичко присуство на наставата.

„Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство,“ вели Неделков.

Владата вчера по препорака на Комисијата за заразни болести донесе одлука учениците на 1 февруари да го почнат второто полугодие со физичко присуство. Претходно, зимскиот распуст беше продолжен до 1 февруари.