Рекордни бројки на заразени со омикрон во Европа

илустрација

Неколку земји од Централна и Источна Европа регистрираа рекорден број на инфицирани со омикрон во услови на брзо ширење на оваа многу заразна варијанта. Од почетокот на пандемијата Бугарија, Чешка, Германија, Унгарија, Молдавија, Полска и Романија регистрираа најголем број на заразени токму денеска.

Германија, најголемата од овие земји, пријави 164 000 нови случаи. Полска 53 420, потоа Чешка 39 614, Романија 34 255, Унгарија 20 174, Бугарија 12 399 и Молдавија 5 138 случаи.

Во Полска, заменик-министерот за здравство Валдемар Краска изјави дека високо преносливиот вид на омикрон во моментов е присутен во 40 отсто од случаите.

Романија и Бугарија, земјите-членки на Европската унија (ЕУ) со најмал број на вакцинирани, односно 41,2 отсто и 28,7 отсто, исто така имаат висока смртност, 94 во Романија и 73 во Бугарија. Во Молдавија, 24 лица починаа од последиците на ковид 19 во последните 24 часа.

По растечкиот рекорден број случаи, фармацевтската компанија Фајзер и нејзиниот германски партнер Бионтек соопштија дека започнале клиничко испитување за тестирање на нова верзија на вакцината, дизајнирана да ги таргетира новите омикрон варијанти на коронавирусот.