Ескобар со Лајчак во Приштина и Белград

Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар

Специјалниот претставник на Соединетите Држави за Западен Балкан Гарбиел Ескобар ќе му се придружи на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Србија-Косово Мирослав Лајчак за време на посетата на Приштина и Белград од 30-ти јануари до 4-ти февруари, потврди Канцеларијата на Стејт департментот за Европа и Евроазија.

Како што е наведено, целта на нивната посета е да ги охрабрат лидерите во Приштина и Белград да ги нормализираат односите преку дијалогот предводен од ЕУ и да ги спроведат реформите на патот кон интеграцијата во ЕУ.

Амбасадата на САД во Белград соопшти дека посетата на Ескобар ќе опфати состаноци со владини претставници и деловни луѓе, граѓанското општество и членови на различни политички групи во Србија.

„Европа ќе биде побезбедна, попросперитетна и обединета со напредокот на Западен Балкан“, објави Aмериканската амбасада во Белград на Твитер.

На 19 јануари РСЕ објави информации од неофицијални извори дека Лајчак и Ескобар најверојатно ќе ги посетат Белград и Приштина на почетокот на февруари. Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на 25 јануари потврди дека неговиот специјален претставник за дијалог, Мирослав Лајчак, ќе ги посети Приштина и Белград следната недела со американскиот претставник за Балканот Габриел Ескобар. Шефот на европската дипломатија тогаш оцени дека официјална Приштина е одговорна за доцнењето на преговарачкиот процес.

Откако Албин Курти ја предводеше косовската влада и одржа дијалог во име на Косово, одржани се две средби на највисоко политичко ниво. И во двата наврати беше потврдено дека страните имале различни ставови по прашањето за дијалогот.