Османи го прифати барањето на Милошоски и ќе присуствува на Комисијата за надворешна политика

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи в петок на 28 јануари ќе присуствува на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, информираа од МНР.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски претходно денеска информира дека преку писмо побарале Османи да дојде на седница на собраниската Комисија и да ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“. Тој додаде дека Османи во декември го одбил нивното барање, што, како што посочи Милошоски, е негова законска обврска за отчет пред Парламентот.

„Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници“, изјави Милошоски.
Во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста. Таканаречениот план 5 плус 1 го претстави бугарскиот претседател Румен Радев.

Македонскиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски беше во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

Заедничките конференции се случуваат откако двете земји избраа нови влади, но преговорите за спорот меѓу двете земји траат откако Бугарија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот.

Иако двете земји во 2017 година го потпишаа договорот за Добрососедство, Софија во 2019 година го блокираше почнувањето на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.