Висок претставник на САД го напушти тимот во преговорите за иранскиот нуклеарен договор

Состанок на Мешовитата комисија за JCPOA во Виена, Австрија. 17 декември 2021 година.

Висок американски претставник, кој работи на заживување на иранскиот нуклеарен договор, го напушти преговарачкиот тим поради извештаите за разликите во мислењата за патот напред, додека се интензивираат обидите за обновување на договорот.

Ричард Нефју „повеќе не е заменик специјален пратеник за Иран“, наведе за Радио Слободна Европа висок функционер на Стејт департментот во изјава преку електронска пошта на 24 јануари.

Функционерот не ја наведе причината за оваа промена, велејќи: „Нема да навлегуваме во спецификите на нашите внатрешно политички дискусии“.

Волстрит журнал претходно објави дека Нефју си заминал поради разлики во мислењата во преговарачкиот тим на САД. Весникот наведува дека тој се залагал за поцврста позиција во тековните преговори.

Претставник на Стејт департментот рече дека префрлањата на персоналот биле „многу вообичаени“ и дека Нефју сè уште е „многу ценет“ во Стејт департментот.

Неговото заминување доаѓа во критичен момент од преговорите, кои продолжија пред речиси два месеци во Виена.

Соединетите држави и европските сојузници минатата недела рекоа дека остануваат само неколку недели за да се спаси иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, официјално наречен Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA).

Нуклеарната експертиза на Иран значително напредна откако САД се повлекоа од договорот, а дипломатите велат дека колку подолго Иран остане надвор од договорот, ќе добие толку повеќе знаење.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и нејзините партнери во Велика Британија, Франција и Германија јасно ставија до знаење дека „напредокот во иранската нуклеарна програма“ наскоро ќе оневозможи враќање на договорот“, изјави висок претставник на Стејт департментот.

„Но, не сме стигнале сосема до таа точка, и додека тоа не го постигнеме, ќе продолжиме со итните преговори за враќање на JCPOA“.