Милион деца во Авганистан може да умрат од глад ако не стигне хуманитарна помош

УНИЦЕФ дистрибуира помош за Авганистан

Талибанските претставници денеска во Норвешка разговараа со западните дипломати за хуманитарната криза во Авганистан и човековите права. Ова е прва официјална средба на талибанците во Европа откако ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година.

На состаноците кои се одржуваат зад затворени врати, делегацијата на талибанците разговара со претставници на САД, Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Европската унија и Норвешка.

Авганистан се соочува со сиромаштија и глад.

На чело на талибанската делегација е вршителот на должноста министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки. Талибанците бараат пристап до имотот од милијарди долари кој е замрзнат откако групата ја презеде власта.

Ниту една земја сè уште не ги признала новите владетели на Авганистан, кои бранителите на човековите права ги обвинуваат дека извршиле сериозни прекршувања, особено поради недостатокот на правата на жените на образование, вработување и учество во политичкиот и општествениот живот.

Мутаќи го поздрави состанокот во Осло како „постигнување само по себе“, додека поканата на Норвешка беше критикувана од некои експерти и авганистанските групи за човекови права во егзил, кои рекоа дека секоја соработка со талибанците само ќе послужи за зајакнување на нивната позиција. Пред норвешкото Министерство за надворешни работи се одржаа протести.

Но, норвешкиот министер за надворешни работи, Аникен Хуитфелд, рече дека еден милион деца може да умрат од глад доколку помошта не стигне навреме.

Хајтфелд претходно истакна дека со разговорите не се легитимира или признаваа власта на талибанците.

На делегацијата на Талибанците нема да и се одобрат средби со министри на ниво на владата, но може да се сретне со пониски ешалони, соопшти Норвешка.

Според ОН, Авганистан се соочува со влошена хуманитарна криза, со 22,8 милиони луѓе кои страдаат од акутен недостиг на храна и 8,7 милиони луѓе кои речиси гладуваат.

Од август, меѓународната помош, која финансираше околу 80 отсто од авганистанскиот буџет, беше суспендирана, а САД замрзнаа 9,5 милијарди долари од средствата на авганистанската централна банка. Невработеноста вртоглаво порасна, а платите на државните службеници не се исплаќаат со месеци.