Милиони, рецепти, војници...

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков денеска присуствува на судењето за случајот Плацевите на Водно. Минатото рочиште не се одржа, бидејќи неговата одбрана соопшти дека Мијалков е позитивен на Ковид-19. Пред судот на прашањето кој е рецептот за милионите со што се алудираше на неговата гаранција да се брани од слобода во износ од 11 милиони евра тој одговори дека нема такво нешто.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство сооопшти дека го добило преведениот извештај од истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 лица направен од експертите и истражителите од Сојузната криминалистичка полиција од Германија. Оттаму велат дека сега петте обвинители кои работат на предметот го разгледуваат извештајот со цел да утврдат дали и што ќе се преземе во насока на понатамошна постапка.

КОСОВО - Неделава можно е косовските власти да ја преиспитаат одлуката за влез во нивната држава задолжително да се бара сертификат за примени три дози вакцина против ковид или две дози плус ПЦР тест не постар од 48 часа, јави дописникот на МИА од Приштина.

ФРАНЦИЈА - Лицата кои не се вакцинирани против ковид-19 во Франција веќе не можат да влезат во барови, ресторани, туристички и спортски објекти, освен ако не ја прележале болеста.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Со највисоки државни почести денеска во Софија беше пречекана македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Делегацијата ја пречека бугарскиот премиер Кирил Петков, а потоа со Ковачевски положија венци пред Споменикот на непознатиот војник, јави известувачот на МИА од Софија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж победи во првата фаза од неговиот обид да поднесе жалба до британскиот Врховен суд на одлуката за негова екстрадиција во САД. Вашингтон сака да му се суди на Асанж во врска со објавувањето на 500.000 тајни воени досиеја од Викиликс поврзани со војните во Ирак и Авганистан.

БЕЛГИЈА - НАТО соопшти дека се испраќаат дополнителни бродови и борбени авиони во источна Европа поради трупањето руски војници во близина на Украина. Ситуацијата со Русија и Украина е се потензична.

САД / РУСИЈА - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги отфрли повиците за превентивни санкции против Русија, велејќи дека тоа ќе ја поткопа способноста на Западот да ја одврати Москва од каква било понатамошна потенцијална агресија врз Украина.

ОБЕДИНЕТИ АРАПСКИ ЕМИРАТИ - Обединетите Арапски Емирати денеска пресретнале и уништиле две балистички ракети насочени кон главниот град на земјата, соопшти Министерството за одбрана, додавајќи дека немало жртви кога остатоците од пресретнатите проектили паднале во одделни области околу Абу Даби.

ШВАЈЦАРИЈА - Со омикрон видот на коронавирусот кој би можел да зарази 60 насто од Европејците до март, започна нова фаза на пандемијата на ковид-19 во регионот и може да ја доведе до крај, изјави директорот на Светската здравствена организација за Европа Ханс Клуге за АФП.