Бајден ќе разговара со европските лидери за тензиите меѓу Русија и Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска треба да разговара со европските лидери за тековните тензии меѓу Москва и Киев, вклучувајќи го и трупањето руски војници во близина на украинската граница.

Бајден ќе разговара со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, полскиот претседател Анджеј Дуда и со британскиот премиер Борис Џонсон преку видеоврска, соопшти Белата куќа.

Украина и Западот се загрижени поради руското распоредување на над 100 илјади војници во близина на границата со Украина, што го зголемува стравувањето од руски упад на украинска територија.