Седница на бугарскиот Советот за безбедност заради тензиите околу Украина

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков за утре го свикува Советот за безбедност, кој работи како тело на владата. Средбата ќе се одржи по завршувањето на заедничката седница на владите на Бугарија и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, членовите на Советот за безбедност ќе разговараат за тензиите околу Украина и плановите на сојузниците на НАТО за зајакнување на источното крило на Алијансата.
Советот за безбедност е под директна надлежност на бугарскиот премиер. Неговата главна задача е да ја анализира состојбата со заштитата на националната безбедност.

Руското Министерство за надворешни работи деновиве повика на повлекување на странските трупи на НАТО од двете земји-членки, Бугарија и Романија, велејќи дека е потребно „повлекување на странските сили, опрема и оружје“, како и други мерки за враќање на ситуацијата од пред 1997 година во земјите кои тогаш не беа членки на НАТО.

Потоа Петков рече дека неговата земја сама одлучува каква политика ќе води во рамките на членството во НАТО. Договорот од Вашингтон не предвидува втора категорија на земји-членки за кои колективната одбрана е селективна или ограничена, рече Петков, кој ја повика Руската Федерација да остане посветена на конструктивен дијалог за деескалација на тензиите и да работи за побезбедна Европа врз основа на владеење на правото и строго спроведување на меѓународните правни обврски.