Маричиќ позитивен на ковид, не оди во посета на Софија

Министерот за правда Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска информира дека е позитивен на Ковид-19 и дека нема да биде дел од владината делегација која од денеска е во официјална посета на Софија. Тој додава дека не чувствува никакви симптоми, но, како што наложуваат правилата ќе биде во изолација.

„За жал, нема да сум присутен и на првиот состанок на заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики со која јас копретседавам, но останувам во комуникација со колегите Грковска, Нуредини и Алити, како и со моите бугарски колеги околу деталите и заклучоците од средбата“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Тој порачува и дека дава целосна поддршка на процесот на продлабочување на соработката на сите нивоа и во сите области, како и зближување на двата народи, преку, како што наведе, видливи резултати од функционирањето на работните групи.
Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски од денеска ќе биде во дводневна посета на Софија.

Владината делегација официјално ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник. Утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.

Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција. Заедничката седница следува по минатонеделната посета на Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни кои треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.