ВМРО-ДПМНЕ го достави до Собранието предлогот за укинување на техничката влада и ја повика власта да го поддржи заедно со барањето за предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето за предвремени парламентарни избори најбрзо што може, наспроти ставот на власта дека ќе се оди на редовни избори во 2024 и оти предвремени избори сега во услови на здравствена, економска и енергетска криза се неполезни. Предложените измени на Законот предвидуваат бришење на околу девет точки од законот, со што практично техничката влада би заминала во историја, но и дека измените одат со барање за предвремени избори.
„На Македонија веднаш и се потребни итни предвремени парламентарни избори. За таа цел пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Со овој Предлог на закон, ние бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада“, изјави координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Втората клучна интервенција во овој Предлог-закон, според Мицевски, е што согласно Деловникот за работа на Собранието предлагаат и бараат тој да биде ставен како точка на дневен ред на 61. седница на Собранието кое треба да се одржи во среда, 26 јануари.
„Од овие причини овој Предлог закон го поднесуваме во скратена постапка“, рече Мицевски.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, деновиве изјави дека ставот на СДСМ околу изборите е јасен, односно дека нема време за парламентарни избори во услови на глобални кризи. Концептот техничка влада предвидува соработка меѓу власта и опозицијата во периодот до спроведување на изборите, имајќи предвид дека одлуките усогласено треба да ги носат и министерот и заменикот во ресорите, каде и власта и опозицијата имаат свои претставници.
Решението за техничка Влада првично беше применето по кризата која настана, откако Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.
Од 2016 година досега Северна Македонија имаше две технички влади, првата предводена од Емил Димитриев, втората од Оливер Спасовски. Согласно сегашното законско решение техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Власта има свои заменици во МВР и МТСП, додека опозицијата има свои заменици во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство.