Талибанците на разговори во Осло за хуманитарната криза во Авганистан

Делегацијата на талибанците на пат за Осло.

Делегација на талибанците и западни дипломати започнаа разговори во Норвешка за хуманитарната криза во Авганистан и состојбата со човековите права, бидејќи ситуацијата во земјата разурната од војна се влошува, а милиони се на работ на глад.
Разговорите во Осло кои се водат зад затворени врати се меѓу 15-члената делегација и претставниците на САД, Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Европската унија и Норвешка, при што хуманитарната ситуација во Авганистан драстично се влоши откако талибанците ја презедоа над владата во средината на август 2021 година.

Се очекува делегацијата на Талибанците да побара пристап до имотот од милијарди долари кој беше замрзнат откако групата ја презеде власта по повлекувањето на силите предводени од САД по две децении.

ОН соопштија дека Авганистан се соочува со влошена хуманитарна криза, со 22,8 милиони луѓе кои страдаат од акутен недостиг на храна и 8,7 милиони кои речиси гладуваат.

„Поради гладот, поради смртоносната зима, мислам дека е време меѓународната заедница да ги поддржи Авганистанците, а не да ги казнува поради нивните политички спорови“, рече талибанскиот делегат Шафиула Азам пред разговорите.

Од август, меѓународната помош, која финансираше околу 80 отсто од авганистанскиот буџет, беше суспендирана, а САД замрзнаа 9,5 милијарди долари од средствата на авганистанската централна банка. Невработеноста вртоглаво порасна, а платите на државните службеници не се исплаќаат со месеци.