Пресретнати два проектила истрелани кон Абу Даби

Абу Даби

Обединетите Арапски Емирати денеска пресретнале и уништиле две балистички ракети насочени кон главниот град на земјата, соопшти Министерството за одбрана, додавајќи дека немало жртви кога остатоците од пресретнатите проектили паднале во одделни области околу Абу Даби. Ова е втор ракетен напад. Во првиот во минатата недела беше погодено складиште за гориво во Абу Даби, при што загинаа три лица и изби пожар во близина на меѓународниот аеродром. Хутите поддржани од Иран ја презедоа одговорноста за нападот со беспилотни летала и ракети на 17 јануари, што претставува голема ескалација во конфликтот во Јемен. Тоа предизвика серија воздушни напади врз Јемен, вклучително и оној што го погоди притворниот центар управуван од бунтовниците Хути, при што загинаа најмалку 82 лица, а беа повредени голем број други.

ОН го осудија воздушниот напад на затвор во Јемен


Насилството ги поттикна Соединетите држави и Обединетите нации да повикаат на деескалација на конфликтот. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која ги вклучува ОАЕ, интервенираше во Јемен во март 2015 година, месеци откако Хутите ја соборија меѓународно признатата влада од Сана. Саудиска Арабија и Соединетите Држави долго време го обвинуваат Иран дека доставува воен хардвер за Хутите, вклучувајќи делови за беспилотни летала и ракети. Техеран ги негира обвиненијата дека ѝ дава финансиска и воена помош на групата.